Први проблеми на Facebook за Мали Задоволства: Каде греши Сузе?


Доколку имавте прилика да ја прочитате нашата претходна објава, запознаени сте со тоа како Сузе ја зголеми репутацијата на својата пекара со подобрувањето на присуството на социјалните медиуми. Но, доколку не сте, еве ја приказната во кратки црти:

Сузе има пекара на атрактивна локација и покрај нејзината пекара секојдневно поминуваат стотици, ако не и илјадници ученици, студенти и возрасни луѓе кои одат на работа. Со мало истражување и активно следење на курсеви, таа научи како да креира привлечни реклами кои ја зголемија свесноста за нејзината присутност во градот и со тоа привлече нови муштерии и ги зголеми продажбите.

По некое време, растот на нејзината клиентела застана, додека стремежите на Сузе уште беа големи. Постојаните муштерии кои беа редовни во “Мали Задоволства“ на пат кон работа си доаѓаа уште, а и учениците и студентите ја посетуваа пекарата во подоцните часови. Нејзината маркетинг и бизнис стратегија беше на место, но растот застана. Постојат неколку причини за тоа:

Причина 1: Го запостави редовното објавување

Поради причината што Сузе беше премногу фокусирана на поставување квалитетни реклами во Ads Manager-от, не сакајќи го запостави редовното објавување на постови поврзани со нејзината пекара, а и кога објавува, објавите не се прегледани од голем број на луѓе бидејќи е во време кое неа ѝ одговара. Претходно Сузе знаеше редовно да објави фотографија од масите полни со задоволни муштерии и да напише 2-3 интересни реченици. Иако секогаш поставуваше реклама кога имаше нов производ или друга новост, не се грижеше природно да го промовира истиот пред своите постоечки и верни муштерии.

Причина 2: Застарен таргет

“Кога нешто оди добро, не менувај ништо и продолжи со истиот пристап“ е изреката по која Сузе се водеше во нејзините маркетинг напори. Но, она што Сузе не го знаеше е тоа што секој таргет, поточно секоја публика, евентуално се ‘троши’ и е потребно освежување. Нејзиниот таргет, се разбира, беше презаситен од нејзините реклами и веќе почнуваше да влијае негативно за нејзината пекара.

Причина 3: Рекламите почнаа да губат од квалитетот

Со оглед на тоа што Сузе, како претприемач и пекар, е одговорна за ред други работи поврзани со нејзиниот бизнис, таа го жртвуваше своето слободно време за да постави реклама. Полека, но сигурно, тоа стануваше сè позаморно за неа и се наоѓаше во ситуација да не обраќа премногу внимание на рекламите и да ги пушта со ситни граматички грешки, недоволно квалитетни фотографии и едноставно рекламите не беа доволно ‘clickable’ (привлечни).

Решенија

Да ја подобри својата лична организација за објави

Еден одличен начин за да го подобри своето објавување за “Мали Задоволства“ е да си направи свој личен распоред за објавување. За успешно да ги организира своите објави и да се осигури дека ќе бидат прегледани од поголем број на луѓе, најпрво треба да направи истражување за идеалните времиња за објавување на Facebook за нејзиниот бизнис. На ум треба да има дека нејзините потенцијални клиенти стануваат рано и скролаат на Facebook пред работа, моменти во кои можеби се одлучува што тие ќе појадуваат, па објава од “Мали Задоволства“ може и да биде пресудна во донесувањето на таа одлука.

Шансите да се разбуди толку рано и да припреми објава за својата пекара се мали, па затоа, најдобро решение е да користи софтвер за закажување на постови пред време за подолг временски период. Најпознати софтвери за ова се Hootsuite и Buffer. Со ваква апликација и испланирано време за закажување на повеќе објави одеднаш, Сузе ќе може да објавува најразлична содржина во најпопуларните часови , поточно тогаш кога нејзините потенцијални муштерии се најактивни, додека таа ги извршува сите други свои обврски.

Да вработи “in-house” дигитален маркетер

Друго решение за да го продолжи растот на својот бизнис е да вработи професионален дигитален маркетер чие прво и основно занимање е токму тоа. Некој, кој за разлика од неа, нема да има други видови на обврски во текот на еден работен ден освен да креира квалитетна објава со правиот текст и вистинската порака што треба да се пренесе на постоечките и потенцијалните муштерии со чија помош ќе го засили присуството на социјалните медиуми на пекарата.

Се разбира, на прв поглед, ова изгледа како преголем трошок кој за мал бизнис е незамислив чекор. Но, тој дигитален маркетер може да биде со многу искуство во тоа што го прави и е многу веројатно да знае многу повеќе трикови (како на пример освежување на таргет, креирање слична публика, итн.) и начини на правење маркетинг на социјалните медиуми, а со тоа да биде спремен да донесе големи резултати за пекарата, што секако ќе резултираат во поголема заработка за Сузе.

Да го препушти маркетингот целосно на агенција или маркетер

Можеби и најочигледното решение е да ги препушти маркетинг кампањите целосно на дигитална маркетинг агенција или дигитален маркетер. Ова е алтернатива на “in-house” дигитален маркетер и е идеално решение за растење на еден бизнис. Можеби Сузе знае како да постави реклама која ќе биде многу добро прифатена од корисниците, но само кога ќе си го зеде потребното време за креирање на реклама. Во ситуации кога го избрзува цел тој процес со цел да премине на следната обврска за денот, рекламите се далеку послаби.

Кога би работела со маркетинг агенција, која е целосно посветена на нејзиниот бизнис и е во постојана комуникација со неа со цел да обезбеди поперсонализиран пристап до нејзините муштерии, нејзината Facebook страна и нејзините реклами би биле многу поефикасни. Освен тоа, маркетинг агенцијата може да придонесе многу повеќе со нови и интересни идеи кои ќе го движат растот на бизнисот на Сузе. Сепак, избирањето на вистинската компанија која целосно ќе го превзема маркетингот може да биде долг и тежок процес, затоа Сузе мора да биде многу внимателна при донесувањето на оваа одлука.